Николовски: Поддржани 26 активности на Националната рурална мрежа за информирање и обука на земјоделците со мерките од програмата за рурален развој

од Radmila Tasevska
304 прегледи

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, денеска додели 26 договори за поддршка на предлог активностите на Националната рурална мрежа, одбрани преку Јавниот повик за аплицирање по мерка 3 “Активности на Националната рурална мрежа” од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2023 година. Активности кои треба да допринесат во спроведување на Акцискиот план на Националната рурална мрежа за период 2023-2027 година.

„Нашата идеја за формирање и заживување на Националната рурлана мрежа станува реалност. Први во регионот ја формиравме Националната рурална мрежа, остваривајќи ги нашите цели, да создадеме тело, кое ќе помогне во креирањето, информирањето и спроведувањето на Националната програма за рурален развој, поттикнувајќи нови иновации и мерки во земјоделството и производството на храна, како и одржливиот рурален развој. Среќен што после точно 10 години, или поточно од октомври 2012 година, кога се донесени законските одредби, со кои се воспоставува Националната рурална мрежа, во 2022 година, конечно го ставаме во функција и овој механизам, кој државата го нуди за уште поголема вклученост на сите чинители, за заедно да ги крираме политиките во земјоделството и руалниот развој”, истакна во своето обраќање министерот Николовски.

Економско зајакување на жената од руралната средина, обуки на фармери за примена на зоотехнички мерки, обуки за обезбедување козарско производство во руралните области, обуки за безбедна храна на малите рурални производители на храна, потоа активности за важноста на руралниот туризам, вклучување на младите во земјоделството преку мерката 112 за започнување со земјоделска дејност и повеќе студиски посети за стекнување на нови искуства и вештини, се само дел од активностите кои се поддржуваат преку овој јавен повик. 

„Верувам дека преку овие активности сите вие заедно со Националната рурална мрежа ќе придонесете во уште поголемо информирање на земјоделците корисници на мерките од Националната програма за рурален развој”, истакна министерот Николовски.

Главната цел на Националната рурална мрежа е преку своите активности, да придонесе за уште поголемо информирање на земјоделците корисници на мерките од Националната програма за рурален развој, за сите можности, кои им се ставаат на располагање. 

За овој период кон Националната рурална мрежа се зачленети 371 член, поделени во четири организациски групи, односно јавен сектор, правни лица, граѓанскиот сектор и локалните акциски групи. 

Националната рурална мрежа дејствува во сите рурални подрачја, на целата територија на државата, со цел да се подобрат условите за целосен и рамномерен развој, зголемување на квалитетот на животот на секој поединец, по пат на вмрежување и создавање на партнерства. Мрежата се воспоставува по европски терк, со целосна вклученост на членството во нејзиното управување. Членувањето во Националната рурална мрежа е доброволно и бесплатно за сите граѓани, кои вршат одредена дејност во руралните средини, за сите компании, за сите органи на јавниот сектор и за сите други облици на организациона форма, кои делуваат во оваа област. 

Слични содржини