Во рамки на големата акција за пошумување АЈДЕ ДА ПОШУМУВАМЕ ЗАЕДНО која деновиве се реализира во Берово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупо Николовски оствари посета на Тодор Кацарски од Берово. Тодор е еден од апликантите во програмата за проширена репродукција на шумите, преку мерката за пошумување на голини и заедно со министерот Љупчо Николовски и претставници на приватните сопственици на шуми извршија пошумување во месноста Манакија, општина Берово.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку програмите за проширена репродукција на шумите за 2021, 2022 и оваа 2023 година, обезбеди буџетски средства за финансирање по мерката за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост, на вкупна површина од 20 хектари, за секоја година пооделно.
„Оваа мерка која ја имаме обезбедено како поддршка преку програмата за проширена репродукција на шумите дава дополнителен импут во пошумувањето и унапредувањето на шумскиот фонд. Сакам да најавам дека веќе за наредната 2024 година, преку оваа програма, за оваа мерка, предвидуваме средства за пошумување на површина од 50 хектари, со тенденција во наредните години за зголемување на површините за пошумување на голини и ерозивни земјишта во приватна сопственост” истакна министерот Николовски.
Преку ваквата мерка од програмата за проширена репродукција на шумите за оваа 2023 година, министерството има склучено договори со повеќе сопственици на приватни шуми и тоа во Беровскиот, Радовишкиот и Валандовскиот регион.