Николовски: Во преговори сме со помали партии за уривање на Владата

од Nikola Popovski
149 прегледи

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски изјави дека неговата партија во Собранието интензивно разговара со неколку политички партии кои се дел од коалицијата СДСМ-ДУИ, но не припаѓаат на СДСМ или ДУИ, туку се помали политички партии за уривање на Владата.

„Разговараме со нив со цел да падне оваа Влада, бидејќи и тие се незадоволни од националното предавство што и се случува на Македонија и од сериозната економска и здравствена криза. Многу брзо, по празниците, мислам дека јавноста ќе има што да види“, рече Николовски и додаде:

„Нашиот план се состои од два чекори. Првиот е Владата сама да си поднесе оставка, а вториот е да се формира влада на национално единство која ќе биде составена од експерти и ќе има поддршка од сите политички партии. Нејзина цел ќе биде да ја надмине здравствената и економската криза. Доколку почнат сега да работат, можат тоа да го направат до април-мај и веднаш потоа да се оди на предвремени парламентарни избори на кои Македонија ќе добие нова политичка влада, убеден сум, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, рече Николовски на гостувањето во дневникот на „Сител“.

Според него, најдобро е Владата самата да поднесе оставка, но, како што посочи, убеден е дека тоа нема да се случи.

Николоски рече дека не се гледа за лидер на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека на редовниот конгрес идната година планираат да усвојат нова програмска доктрина на партијата и нови конгресни документи кои ќе ја определат патеката во следната декада 2020-2030.

 

Слични содржини