Николовски вработува 10 лица за борба против корупцијата во неговиот Кабинет

309 прегледи
Првиот вицепремиер во Владата за борба против криминалот и корупцијата, Љупчо Николовски објави на својот фејсбук профил дека се објавува оглас за 10 лица кои со својата експертиза би се приклучиле во неговиот Кабинет, со цел да се приклучат кон борбата против коруцпијата.
„Сузбивањето на корупцијата и криминалот, бара максимална екипираност и посветност. За таа цел, за потребите на мојот Кабинет, денеска објавивме оглас за вработување 10 лица, кои со својата експертиза и посветеност ќе ни се приклучат во борбата против корупцијата.
Идните членови на тимот, ќе помогнат во креирањето и реализацијата на системски мерки за спречување и искоренување на оваа појава. Нашата цел е да го вклопиме искусниот кадар со нови, прогресивни, енергични и високоедуцирани млади луѓе кои се подготвени несебично да придонесат во создавањето коренити промени во македонското општествено делување.
Ги повикувам јавно, сите професионалци кои имаат желба и знаење да придонесат во борбата против корупцијата и да станат дел од историските процеси, да се пријават на овој оглас. Преку транспарентна и правична селекција одбираме тим кој со своето делување ќе придонесе во трајно градење правен систем, систем ослободен од корупција и општество во кој секој граѓанин ќе ја положи својата доверба.
Сега е вистинскиот момент за исчекор напред. Оваа генерација има шанса да ја предводи таа предизвикувачка и комплексна борба! Создаваме држава која гарантира иднина за секој млад човек“, се вели во фејсбук објавата на Николовски.

Слични содржини