„Nintendo“ го одложи излегувањето на анимираниот филм за видеоиграта „Super Mario Brothers“

од Vladimir Zorba
254 прегледи

Производителите на видео игри од компанијата „Nintendo“ го одложија за пролетта 2023 година објавувањето на анимацијата на култната игра „Super Mario Brothers“.

Новиот датум на кој продукцијата ќе оди во кино е 7 април за Северна Америка и 28 април за Јапонија. Ова на Twitter го објави креаторот на играта Шигеру Мијамото. Тој рече дека одлуката ја донел заедно со Крис Меледандри, извршен директор на холивудското студио „Illumination“, заедно со кое се снима анимираниот филм.

Претходниот објавен датум за објавување на сè уште неименуваната анимација беше 21 декември 2022 година.

Актерската екипа која учествува со своите гласови ја сочинуваат Крис Прат и Ања Тејлор-Џој, со гласовите на главниот лик Марио и принцезата Пич. Актерите Чарли Деј (Луиџи), Џек Блек (Боусер), Сет Роган (Донки Конг), Себастијан Манискалко (Спајк) и други, исто така, ќе земат учество во филмот.

Креаторите на продукцијата претходно му ветија „специјално камео“ на актерот Чарлс Мартине, кој го позајмува гласот за Марио и другите ликови од популарната серија видео игри.