Јапонскиот автомобилски гигант „Нисан“ најави дека ќе отпушти околу 20.000 работници низ целиот свет во обид да заштеди пари и да ја ублажи загубата на профитот. Ова е двојно повеќе од претходно најавениот број на отпуштени работници. Компанијата планира да заштеди вкупно 2,43 милијарди евра, а најголемиот дел од заштедите ќе дојде преку намалување на работната сила.
Во првиот квартал од оваа година, Нисан пријавил загуби од 4,55 милијарди евра. Компанијата, која веќе започна процес на реструктуирање, планира да ги затвори три фабрики, вклучувајќи една во Тајланд. Првично, Нисан планираше да елиминира 9.000 работни места, но новите извештаи покажуваат дека ќе се отпуштат дури 20.000 работници, што претставува околу 15% од вкупната работна сила на компанијата.
Нисан се наоѓа во тежок период, со големи проблеми во менаџментот. По неуспешниот обид за спојување со Хонда, извршниот директор Макото Учида беше отпуштен, а на негово место дојде Иван Еспиноза, четврти извршен директор во последните осум години. Карлос Гон, поранешниот извршен директор на Нисан, кој побегна во Либан по обвиненијата за финансиски измами, изјави дека компанијата се наоѓа во тешка ситуација и дека падот на Нисан бил предвидуван.
Овие потези на Нисан се дел од широка стратегија за реструктуирање, која се очекува да има големо влијание на вработените и на глобалниот пазар на автомобили.