Најмалку 24 лица, повеќето сепаратисти, се убиени во источна Украина, каде проруските бунтовници презеле, според Киев, нова голема офанзива, соопштија денеска украинските власти и сепаратистите, цитирани од Франс прес.
Претставникот на самопрогласената Доњецка народна република (ДНР), Едвард Басурин, цитиран од новинската агенција на сепаратистите, рече дека при продолженото насилство во изминатото деноноќие се убиени 14 бунтовници и петмина цивили.
Јуриј Бирјуков, советник на украинскиот претседател Петро Порошенко, објави на страницата на Фејсбук за петмина убиени војници. Киев ги обвини сепаратистите дека рано утринава почнаа голема офанзива со повеќе од 10 тенкови и 1.000 лица врз позициите на владините сили во Мариинка.
Бунтовниците ги негираа овие обвинувања, но потврдија дека крај Мариинка се водат борби. Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) соопшти синоќа дека забележала “движење на голем број тешко оружје на контролираните од ДНР територии, главно западно од линијата на фронтот, во близина на Мариинка пред и за време на борбите”.
ОБСЕ прецизира дека нејзините службеници виделе 8 оклопни возила како се движат на запад, четири од нив биле тенкови, а воен камион пренесувал 122 мм хаубица, а заедно со машините имало пешадиска колона.
Мисијата на организацијата во Донецк исто така, посочи дека меѓу 4:30 и 4:40 часот наутро во средата се слушнале околу 100 артилериски истрели од област на 1 до 5 км од Донецк, како и истрели од ракетни лансери “Град”.
Претходно советник на украинскиот претседател, цитиран од Ројтерс, соопшти дека петмина украински војници биле убиени, а околу 40 – повредени вчера во борби со сепаратисти во источна Украина. Борбите се воделе главно крај градот Мариинка, контролиран од украинските сили кои проруските бунтовници се обидуваат да го заземат.
Украинското Министерство за одбрана соопшти вчера дека сепаратистите користејќи тенкови и артилерија, се обиделе да заземат позиции на владините трупи во близина на Мариинка, источно од градот Донецк, кој е под контрола на бунтовниците.
По 12-часовни борби бунтовниците биле одбиени, додаде Министерството.
Германија е загрижена од ожестината на борбите во источна Украина, но не е јасно дали постои врска помеѓу насилството и претстојниот самит на Г-7, на која Русија не е поканета, соопшти анонимен висок германски претставник, цитиран од Ројтерс.
