Nissan ја продолжува електрификацијата со новиот Juke Hybrid

од Vladimir Zorba
353 прегледи

Малиот субкомпактен кросовер на Nissan, моделот Juke, доби нова електрифицирана варијанта наречена Juke Hybrid која ќе се најде во продажба во Европа почнувајќи од ова лето. Nissan цели кон тоа да има целосно електрифицирана постава, а новиот Juke Hybrid е дел од оваа програма на јапонскиот производител.

Nissan Juke Hybrid

Постојан ЕВ режим при стартување

Втората генерација на Juke, која беше претставена во 2018 година, добива електрифициран пгоон развиен од Nissan и Renault кој веќе се користи кај E-Tech варијантите на Renault Clio и Captur. Погонскиот склоп е составен од природно аспириран 1,6-литарски четирицилиндричен бензински мотор кој испорачува 94 КС и 148 Nm максимален вртежен момент, електромотор кој испорачува 49 КС и 205 Nm, како и втор електромотор кој работи како високо-волтажен стартер генератор, 1,2 kWh водено ладена батерија и софистициран мулти-режимски менувач кој ја испраќа моќноста на предната оска.

Nissan не ја откри комбинирана системска моќност, но истакна дека хибридната варијанта на Juke нуди 25 проценти повеќе моќност од 1,0-литарскиот турбо бензински мотор кој го користи малиот кросовер, а притоа се намалува потрошувачката за 40 проценти во урбани средини и до 20 проценти во комбиниран режим на работа. Според прелиминарните податоци, комбинираната потрошувачка изнесува 5,2 литри на 100 километри.

Од друга стран, 1,2 kWh батеријата во комбинација со регенеративното сопирање и достапниот e-Pedal режим, му овозможуваат на Juke Hybrid да стартува во ЕВ режим цело време и да вози на електрична енергија до 80 проценти во урбаните средини. Малиот кросовер може да достигне брзина до 55 километри на час во целосно електричен режим. Иако Nissan не го откри електричниот опсег на движење, тој со сигурност ќе биде ограничен бидејќи станува збор за самополнечки хибрид.

Nissan Juke Hybrid

Мали визуелни промени

Визуелно, Juke Hybrid може да се разликува во однос на остатокот од понудата преку редизајнираната решетка која добива активно затворање на отворите за воздух, новиот Nissan амблем, Hybrid беџови на предните врати и задната врата, како и нешто поинаков заден спојлер. Дизајнерите на Nissan исто така ја сменија формата на заштитата на каросеријата, а притоа додадоа и заштитен капак на задната оска. Сите промени ја подобруваат аеродинамиката, со што се намалува коефициентот на отпор и се зголемува ефикасноста. На крајот, Juke Hybrid добива и нов сет на 17-инчни тркала од лесна легура кои се наменети за целата постава на Juke, а моделот исто така е достапен со опционалните 19-инчни аеродинамични тркала од Nissan Ariya.

Во внатрешноста, Nissan вели дека промените се ограничени на посебен елемент на инструмент кластерот кој е наменет за хибридната моќност, потоа новата графика на 7-инчниот екран кој го прикажува протокот на енергија и дополнителни копчиња за e-Pedal и EV режимите на централната конзола. Поради батеријата, багажниот капацитет е намален за 68 литри.

Nissan не ги објави цените за Juke Hybride, но се очекува да биде нешто поскап во однос на моделите кои користат конвенционални мотори на внатрешно согорување.

Слични содржини