Јапонскиот автомобилски гигант Nissan прогнозира огромна загуба до 5,3 милијарди долари во финансиската 2024-2025 година.
Nissan, еден од 10-те најголеми производители на автомобили, е длабоко задолжен, се бори да продава возила на кинескиот пазар и се соочува со потенцијален удар од царините што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп.
„Преземаме разумен чекор за да ги ревидираме нашите годишни прогнози. Сега очекуваме значителна нето загуба за годината, првенствено поради значително обезвредување на средствата и трошоци за реструктуирање, додека продолжуваме да ја стабилизираме компанијата“, изјави извршниот директор Иван Еспиноза, пренесе „Срна“.
Тој додаде дека Nissan, и покрај овие предизвици, има „значителни финансиски ресурси, силна производна линија и решителност да направи пресврт“ во однос на своето работење во наредниот период.
Компанијата предвиде далеку помала годишна нето загуба од 560 милиони долари во февруари, објави АФП.