Ниту Оскар не помага: Брендан Фрејзер без нови улоги и можности

од Nikola Popovski
265 прегледи

Брендан Фрејзер, овогодинешниот добитник на Оскар за најдобра машка улога, призна дека моментално нема деловни планови и покрај ренесансата на неговата кариера.

Во март, 54-годишниот актер направи неверојатен кам-бек во Холивуд, добивајќи Оскар за филмот „Кит“, по долгогодишна пауза во која се соочи со лични проблеми како развод, смртта на мајка му, здравствени проблеми, но и наводното злоставување на поранешниот претседател на Холивудското здружение на странски новинари.

Брендан Фрејзер разговараше со новинарката Хана Сторм на отворањето на Меѓународниот филмски фестивал во Гринич, пренесува „Индепендент“.

Запрашан дали има некакви улоги во блиска иднина, тој рече:

– Немам ништо во моментов , можеби сум навистина пребирлив. Ќе биде долго лето, би рекол, изјавил тој.

Фрејзер размислувал за неговата улога во претстојната криминалистичка драма на Мартин Скорсезе „Killers of the Flower Moon“, која ќе ја има светската премиера на Канскиот филмски фестивал за неколку недели.

– Многу сум возбуден да видам како ќе испадне. Работевме на многу топло време во Оклахома и не можам, а да не бидам горд што сум дел од овој епски филм. Единствено што има толку многу актери што можеби ќе добијам сцена или две на крајот, се пошегувал оскаровецот.

Брендан Фрејзер првпат се проби во раните 1990-ти со комедијата „Encino Man“ и драмата „School Ties“, пред да стане познато име по „Џорџ од џунглата“ и трилогијата „Мумија“. Играше и во остварувањата „Gods and Monsters“, „The Quiet American“ и „Crash“.