Меѓународниот аеродром во Дубаи пречекал рекордни 46 милиони патници во првата половина од оваа година, и покрај нарушувањата предизвикани од иранско-израелската војна, соопштија властите.
Аеродромот ја одбележал најпрометната прва половина од годината во својата историја, со раст од 2,3 проценти во однос на претходната година, „и покрај привремените нарушувања во регионалниот воздушен простор во мај и јуни“, соопшти компанијата.
За време на 12-дневната војна меѓу Иран и Израел, авио-компаниите ги откажуваа летовите кон многу дестинации на Блискиот Исток, бидејќи некои влади го затворија својот воздушен простор.
Во првите шест месеци од 2025 година, просечниот месечен сообраќај изнесувал околу 7,7 милиони патници, или 254.000 патници дневно.
„Врз основа на нашите досегашни резултати и позитивните прогнози, очекуваме годишниот сообраќај годинава да достигне 96 милиони, што ќе нè доближи до симболичната пресвртница од 100 милиони“, изјави извршниот директор на Аеродромот Дубаи, Пол Грифитс.