Низ Индија се шират студентски протести заради законот за државјанство

од Aleksandar Petrovski
188 прегледи

Во студентските кампуси ширум Индија денеска се проширија протестите заради новиот Закон за државјанство за кој се врзува верската припадност, додека критичарите истовремено ја повикуваат владата на премиерот Нередра Моди дека се обидува преку законот да протурка партиска агенда што е во спротивност со Индија како секуларна република.     

Дополнителниот бес против хиндуистичката влада на Моди ги подгреаја и обвинувањата за вчерашната полициска бруталност кон студентите од муслиманскиот универзитет Џама Исламија. Според обвинувањата, полицијата упаднала во кампусот, во самиот центар на Њу Делхи, и употребила солзавец за да ги растера студентите кои протестираа.

Во немирите повредени се најмалку 100 лица, а стотици активисти синоќа протестираа пред седиштето на полицијата заради применетата сила и апсењата на студентите.

Слични глетки се видени и на муслиманскиот универзитет Алигарх, во северната држава Утар Прадеш, но најжестоки протести во изминатите неколку дена беа регистрирани во североисточната држава Асам, каде разбеснетата толпа палела згради и железнички станици, гневни затоа што новиот закон на илјадници имигранти од Бангладеш им овозможува да станат законски граѓани на Индија. Во судирите погинаа најмалку две лица.

Муслиманските малцинства во Индија сметаат дека новиот закон за државјанство е дискриминаторски.

Индиската Влада тврди дека се обидува да ги заштити верските малцинства од прогонот од околните земји, а кои во Индија се доселиле пред 2015 година. Новиот закон им нуди индиско државјанство на припадници на шест малцински верски групи од соседен Бангладеш, Пакистан и Авганистан,  но не се однесува на муслимани.

Споменатиот закон за државјанство на тој начин ќе го олесни патот кон натурализација на хиндусите, христијаните, сиките, будистите, парсите или џаинистите, кои во Индија се доселиле од соседните земји, но не и на муслиманите од етничката група Рохинџи, кои се протерани од сееден Мијанмар.

Моди на еден собир вчера кажа дека парламентот го усвои законот и веќе нема враќање назад. Одлуката, порача, е „1000 отсто исправна“.

Слични содржини