Обемот на товарот кој минува низ Суецкиот канал е намален за 45 отсто поради напнатоста во Црвеното Море во однос на почетокот на декември, предупреди агенцијата на ОН за трговија и развој UNCTAD. Низ Суецкиот канал сега минуваат 39 отсто помалку бродови, објави агенцијата, што одговара на 45 отсто пад на обемот на товарот.
Минатата недела, пратките со контејнери се намалија за 82 отсто во однос на почетокот на декември, а пратките на течен гас се намалија уште повеќе, посочува UNCTAD, без да ги прецизира бројките.Превозот на жито е само малку намален, а транспортот на нафта со танкери е благо зголемен, наведува агенцијата на ОН.
Суецкиот канал покрива 12 до 15 отсто од глобалната трговија и 25 до 30 отсто од контејнерскиот сообраќај. На почетокот на ноември, јеменското движење Ансар Алах започна да ги напаѓа бродовите поврзани со Израел во Црвеното Море, барајќи прекин на огнот во окупираниот палестински Појас Газа и испорака на хуманитарна помош за Палестинците. Движењето е водечка сила во алијансата која управува со повеќето населени делови на Јемен.
САД и Британија одговорија со напади врз цели во Јемен, со образложение дека сакале да ја заштитат пловидбата на комерцијалните бродови, што дополнително ги влоши тензиите во регионот, забележува UNCTAD.
Во такво опкружување, логистичките компании почнаа да ги пренасочуваат бродовите околу ‘ртот Добра надеж, што го продолжува патувањето до 14 дена и ги зголемува трошоците за гориво, со ризик од поттикнување инфлација, загрозување на безбедноста на храната и повисоки емисии на стакленички гасови, посочува агенцијата.
„Последиците се драматични“
Кризата во Црвеното Море уследи по нарушувањата во светската трговија предизвикани од војната во Украина и невообичаено ниското ниво на водата во Панамскиот канал поради сушата поврзана со климатските промени, забележува агенцијата.
Низ Панамскиот канал сега минуваат 36 отсто помалку бродови отколку во истиот период минатата година, откри UNCTAD.
„Последиците се драматични“, предупредува Јан Хофман, шеф за трговска логистика во UNCTAD.
„Многу сме загрижени. Сведоци сме на доцнења, повисоки трошоци, повисоки емисии на стакленички гасови“, им рече Хофман на новинарите во четвртокот, објаснувајќи дека емисиите се зголемени бидејќи бродовите пловат по подолги рути.