Њујоршкиот суд денеска безусловно го ослободи новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп од обвиненијата во случајот со исплата на порно актерката Сторми Даниелс во замена за нејзиното молчење за наводната афера со него.
Оваа одлука на судијата Хуан Меркано значи дека Трамп нема да биде осуден на затвор, условна казна или парична казна, јавува „Би-Би-Си“.
Меркан рече дека претседателството на Трамп не ја намалува тежината на злосторството, ниту има способност да ја поништи пресудата на поротата, но нагласи дека судот го почитува претседателскиот имунитет.
„Граѓаните на оваа земја неодамна одлучија дека уште еднаш треба да имате корист од оние заштити кои меѓу другото ги вклучуваат клаузулата за супремација и претседателскиот имунитет. Токму низ таа призма и таа реалност овој суд мора да ја одреди законската казна. Овој суд утврди дека единствената законска казна што се дозволува е изрекување осуда, без да се нарушува највисоката функција во земјата, а тоа е безусловното ослободување“, изјавил судијата, а пренесува Танјуг.
На крајот од рочиштето, судијата му посака среќа на новоизбраниот претседател во следниот мандат во Белата куќа.
Трамп беше осуден во мај за фалсификување деловни досиеја поврзани со исплати на неговиот поранешен адвокат Мајкл Коен, кој платил 130.000 долари на Сторми Даниелс за да ја спречи јавно да зборува за наводната афера пред изборите во 2016 година. Трамп ја негираше аферата.
Поротата на Менхетен во мај го прогласи Трамп за виновен по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да се прикрие исплатата. Тоа беше првпат американски претседател, поранешен или сегашен, да биде осуден или обвинет за кривично дело.
За фалсификување деловни книги се предвидува затворска казна до четири години, но затворската казна не е задолжителна.