Норвешка компанија: Центарот за податоци на TikTok ја ограничува електричната енергија за производство на муниција за Украина

од Nikola Popovski
154 прегледи

Норвешкиот Намо (Nammo), еден од најголемите европски производители на муниција соопшти дека напорите за задоволување на зголемената побарувачка поради војната во Украина се попречени од новиот центар за обработка на податоци на кинеската компанија за споделување видео-снимки на Интернет, TikTok, која ја монополизира електричната енергија во најголемата фабрика за муниција.

Британскиот весник „Гардијан“ денеска објави дека Мортен Брандцег, извршен директор на Намо, компанија во косопственост на норвешката влада, изјавил дека планираното проширување на најголемата фабрика за муниција во централна Норвешка наишло на блокада на патот по изградбата на новиот центар на „ТикТок“, кој ја троши целата електрична енергија во таа област.

Побарувачката за артилериска муниција е 15 пати поголема од вообичаеното, а европската индустрија треба да инвестира две милијарди евра во нови фабрики за да биде во тек со потребите на Украина, додаде тој.

Според проценките, Украина истрелува од 6.000 до 7.000 артилериски гранати дневно и по повеќе од една година војна се соочува со недостиг на муниција.

Лидерите на Европската унија најавија програма за финансиска компензација на земјите кои нудат артилериска муниција на Украина од фонд од една милијарда евра, со уште една милијарда евра за зголемување на капацитетот за производство на муниција во ЕУ.

Но, планот на Намо да го прошири својот најголем производствен погон се чини дека се судри со напорите на TikTok да го подобри својот имиџ и, во услови на зголемени забрани ширум светот, да ги задржи податоците на Европејците на континентот.

TikTok се бори против предложената забрана во САД, каде што е веќе зе абранет на повеќето владини уреди.

Владата на Обединетото Кралство, Европската комисија и Европскиот парламент, исто така, неодамна го забранија TikTok од телефоните на нивниот персонал поради загриженоста дека кинеската влада би можела да собира кориснички податоци што и припаѓаат на компанијата.

TikTok минатата година информира дека некои вработени во Кина можеле да пристапат до европските кориснички податоци и призна дека вработените користеле сопствена апликација за да ги шпионираат новинарите во обид да најдат протекување информации.

Сепак, на сослушувањето во Конгресот минатата недела, главниот извршен директор на компанијата инсистираше на тоа дека TikTok е целосно независен од кинеската влада и дека кинеските власти немаат пристап до неговите податоци.

Во обид да ја смири Европа, TikTok рече дека ќе започне локално да складира европски кориснички податоци оваа година. Компанијата додаде дека ќе го намали преносот на податоци надвор од регионот и ќе го намали пристапот на вработените до податоците на корисниците внатрешно.

Компанијата ги објави плановите за отворање нови центри за податоци во Ирска и во областа Хамар во Норвешка.

Елвија, локален снабдувач со енергија во Норвешка, потврди дека електричната мрежа нема резервен капацитет откако ја додели струјата на центарот на TikTok. Потребно е време за секој дополнителен капацитет да стане достапен.

Меѓународните компании за технологија и социјалните медиуми се соочуваат со зголемена контрола врз работата на нивните огромни центри за податоци. Овие центри трошат големи количини електрична енергија за напојување и ладење на серверите кои ги складираат сликите, видеата и другите податоци на корисниците „во облакот“.

Европската комисија проценува дека до 2030 година, центрите за податоци ќе учествуваат со 3,2 отсто од побарувачката на електрична енергија во ЕУ, што е скок од 18,5 отсто во однос на 2018 година.

Слични содржини