Нов конкурс за социјални станови во Гостивар

од Vladimir Zorba
563 прегледи

70 семејства од социјално ранливите категории граѓани од утре ќе можат да аплицираат на јавен оглас за распределба на станови во социјалната зграда во Гостивар. Огласот ќе го објави Министерството за транспорт и врски, ќе трае до 4 април а бараните документи треба да се поднесуваат до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Гостивар.

Според министерот Благој Бочварски и генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор Кристијан Трајковски, на огласот ќе можат да аплицираат само жители на општина Гостивар кои ги исполнуваат критериумите. На ваков начин ќе се обезбеди дом за деца над 18 години без родителска грижа, корисници на право на гарантирана минимална помош, лица погодени од елементарни природни непогоди, лица со попреченост, самохрани родители со малолетни деца и припадници на ромската заедница кои се социјално загрозени.

Сакам да ве уверам дека сите апликации ќе бидат земени предвид, а становите ќе се распределуваат во транспарентна постапка. Исто така, веќе се подготвува јавен повик за распределба на станови во уште три социјални згради во Пробиштип, Свети Николе и Виница – рече Бочварски.
При обиколката на дел од становите, директорот на АДИССДП, Трајковски, рече дека социјалната зградата во Гостивар има 70 стана распоредени во две ламели, а вредноста на градбата изнесува 79 милиони денари.

Во изминативе два дена имавме интезивни преговори со Банката за развој при Советот на Европа со којашто преговараме за отпочнување на нов проект. Очекувам дека од следната година ќе го објавиме, а за разлика од претходните, тој предвидува проширување на категориите граѓани кои ќе можат да аплицираат за социјален стан, рече Трајковски.

Во изјава за „Локално“, Трајковски посочи дека се градат згради на уште седум локации (Велес, Пехчево, Кочани, Гевгелија, Скопје –Сарај, Демир Капија и Неготино), со вкупно 600 стана, а наскоро треба да отпочнат постапки за почеток на градба на уште две локации (Штип и Прилеп) каде ќе се изградат 110 стана. Според него, во периодот од 2017 до сега изградени, во тек на изградба или отпочнати се постапки за почеток на градба на вкупно 842 социјални станови.

Слични содржини