Претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Џо Бајден, не се договорија за нов контакт, но претходно страните разговараа за можноста за лична средба на лидерите на неутрална територија, изјави за новинарите советникот за надворешна политика на рускиот претседател Јуриј Ушаков.
Тој зборуваше по двочасовната видео-конференција меѓу двајцата претседатели. Ушаков рече дека новиот разговор меѓу претседателите на Русија и на Соединетите Држави може лесно да се договори преку видео-конференција доколку е потребно.
Според него, Бајден му рекол на Путин дека ќе разговара со своите колеги од алијансата за загриженоста на Русија за движењето на НАТО кон исток. За таа цел, двајцата лидери се договорија нивните претставници наскоро да се осврнат на овие чувствителни прашања.
На прашањето дали Русија планира да ги повлече своите војници од границата со Украина по разговорите на 7 декември, Ушаков изрази збунетост: „Каде да ги повлечеме нашите војници, тие се на руска територија“.
„Руските трупи се на нивна територија и не се закануваат никому, тоа го кажа и претседателот на Руската Федерација“, изјави претставникот на Кремљ.
„Путин рече: вас, Американците, ве вознемируваат нашите баталјони на руска територија, илјадници километри од САД. И навистина сме загрижени за нашата безбедност, безбедноста на Русија во глобална смисла, на глобално ниво“, додаде Ушаков.
За време на разговорот, Бајден изразил длабока загриженост до САД и нивните сојузници поради зголемениот број руски војници на границата со Украина, соопшти претходно Белата куќа.