По планот за инвестирање во развојот на хуманоидни роботи, компанијата Meta најави нов грандиозен проект – подводен кабел кој ќе ја опфаќа целата планета.
Технолошкиот гигант Meta – кој ги поседува Facebook, Instagram и WhatsApp – сака да го прошири своето присуство во технолошката област надвор од социјалните мрежи, вклучително и вештачката интелигенција, како и потребната инфраструктура за поддршка.
Проектот „Вотерворт“ вклучува изградба и поставување на масивен подводен кабел долг 50.000 километри кој ќе ја опфаќа целата планета и ќе поврзува пет континенти.
Подводниот кабел ќе обезбеди исклучителна поврзаност меѓу пет големи континенти и ќе им помогне на идните планови на Meta во областа на вештачката интелигенција.
„Проектот ќе овозможи подобра економска соработка, ќе обезбеди дигитално вклучување и ќе отвори можности за технолошки развој во овие области“, споделија од компанијата.
Кабелот ќе биде најдолгиот кабел некогаш направен, со структура на влакна од 24 парови, што овозможува поголем капацитет.
Подводните кабли станаа исклучително важни во последните децении бидејќи овозможуваат функционирање на бројни дигитални услуги и брз пренос на огромни количини на податоци.
Повеќе од 95% од интернет сообраќајот во светот се пренесува преку подводни кабли.
Телекомуникациската компанија „Телеџиографи“ наведува дека во моментов во светот се користат околу 600 подморски кабли.
Еден од нив е кабелот „2Africa“, финансиран од Meta и мобилните оператори Orange, Vodafone и China Mobile, кој е долг 45.000 километри и поврзува три континенти.