Германската полиција оваа недела ќе започне нова потрага во Португалија како дел од истрагата за исчезнувањето на Мадлен Мекан – случај кој стана еден од најпознатите нерешени случаи на исчезнати лица во светот, објави Би-Би-Си.
Потрагата ќе се одвива во одморалиштето Праја да Луз во Алгарве, местото каде што тогаш тригодишната Мадлен исчезна на 3 мај 2007 година, додека била на одмор со своето семејство. Нејзиното исчезнување предизвика обемна полициска истрага која се прошири низ цела Европа.
Германските истражители се вклучија во случајот откако во 2020 година го идентификуваа Кристијан Брукнер како главен осомничен. Португалските власти исто така официјално го именуваа како осомничен. Брукнер, кој моментално отслужува затворска казна во Германија за силување на 72-годишна туристка во Португалија во 2005 година, ги негира сите обвинувања поврзани со Мадлен и досега не е формално обвинет за нејзиното исчезнување.
Според португалските медиуми, новата потрага ќе биде фокусирана на подрачјето помеѓу викендичката каде што престојувала семејството Мекан и куќата каде што Брукнер живеел помеѓу 2000 и 2017 година. Наводно, Брукнер работел повремено како мајстор токму во таа викендичка, според докази добиени во 2022 година. Сепак, германското обвинителство изјави дека „нема изгледи“ да се подигне обвинение против него во врска со исчезнувањето.
Месецов, родителите на Мадлен ја одбележаа 18-годишнината од нејзиното исчезнување. Тие порачаа дека нема да се откажат од потрагата и дека се подготвени да „превртат секој камен“ за да ја најдат својата ќерка. Истовремено, британската метрополитенска полиција ја продолжува истрагата наречена Операција Грејнџ, која започна во 2011 година и сè уште е активна.