Вработените во девет фабрики на Фолксваген во Германија во понеделник на 9 декември повторно ќе штрајкуваат, објави синдикатот ИГ Метал, пренесе агенцијата СТА. Овој пат ќе штрајкуваат четири часа, откако овој понеделник два часа ја прекинаа работата, пренесува француската новинска агенција АФП. Синдикатот се противи на предложените пониски плати, затворање на фабрики и масовни отпуштања.
Според ИГ Метал, речиси 100.000 вработени се приклучија на еднодневниот штрајк во понеделникот. „Сега ќе го зголемиме притисокот“, најави синдикалниот преговарач Торстен Грогер, пренесе Форбс.
Обновените прекини на работа се совпаѓаат со новата рунда преговори меѓу синдикатите и менаџментот на компанијата за планот за штедење на Фолксваген. Разговорите траат веќе неколку недели, откако раководството објави дека размислува за затворање фабрики во Германија за прв пат во својата историја поради деловни тешкотии и зголемени трошоци. Планираат и намалување на трошоците за работна сила и отпуштања, што предизвика бран огорченост кај вработените. Фолксваген се соочува со голема конкуренција од Кина, наведува СТА.
Раководството на компанијата ситуацијата ја опишува како сериозна, а најголем дел од кризните мерки би ги погодиле вработените во водечкиот бренд Фолксваген, кој во Германија вработува околу 120 илјади луѓе.
Според вработените, раководството во текот на преговорите открило дека размислувало да затвори најмалку три фабрики на домашниот пазар. Синдикатите им ветија на членовите решителна борба и го предупредуваат раководството на Фолксваген за најголемиот спор околу платите во историјата на компанијата.
Грогер ја обвини компанијата дека под елката наместо подароци им оставила отказ на вработените. „Компанијата гледа на затворањето на фабриките како единствена опција за иднината“, ги пренесува неговите зборови АФП.