Познатата германска спортска новинарка Естер Седлачек (39) повторно е во фокусот на јавноста, откако на социјалните мрежи објави фотографија на која гордо го покажува своето трудничко стомаче. Оваа објава дојде во момент кога медиумите веќе шпекулираат за нејзината наводна афера со поранешниот германски фудбалер Бастијан Швајнштајгер (40), а уште повеќе ги разгоре гласините за распадот на неговиот брак со поранешната тениска ѕвезда Ана Ивановиќ (37).
Германските медиуми веќе некое време пишуваат за блискоста меѓу Седлачек и Швајнштајгер, која започнала од нивната професионална соработка во 2022 година. Нивната хемија пред камерите, заедничките настапи за време на Светското првенство во Катар, Европското првенство, како и преносите на Бундеслигата, не останале незабележани. Дополнителна искра во шпекулациите запали веста дека Швајнштајгер наводно ја поканил Седлачек на заеднички одмор.
Иако нема конкретни докази за романтична врска, вниманието на јавноста се зголеми поради трудничката фотографија што Седлачек ја објави на Инстаграм, проследена со опис за завршетокот на уште една успешна сезона од шоуто „Спортшау“. Објавата собра над 10.000 лајкови, но и многубројни коментари – меѓу нив и оној што гласеше: „Веќе знаеме кој е таткото“. Коментарот во кој директно се споменува Швајнштајгер не само што не беше избришан, туку, според медиумите, беше и нагласено истакнат.
Седлачек, која веќе има две деца од претходна врска со бизнисмен од кого наводно е разведена, во последно време се соочува со бројни навреди и осуди на социјалните мрежи. Многумина ја обвинуваат дека „растурила семејство со три деца“, советувајќи ѝ дека треба да се срами. Како резултат на тоа, нејзината активност на социјалните мрежи значително се намалила.
Во меѓувреме, според информациите на австрискиот портал „Кроне“, на кои се повикуваат и германските медиуми, Ана Ивановиќ и Бастијан Швајнштајгер веќе поднеле барање за развод по речиси девет години брак. Разводната постапка, која започнала во Швајцарија, наводно се одвива брзо и дискретно. Извори блиски до двојката тврдат дека Ана инсистирала на итна процедура и веќе се преселила во Белград со трите деца, додека Бастијан останал во Минхен поради работните обврски.
Како главна причина за распадот на бракот се наведува несогласувањето околу приватниот и професионалниот живот. Според извештаите, Ана чувствувала дека нејзиниот сопруг не го разбира товарот што го носи околу децата и семејството, што предизвикало тензии и емоционално оддалечување.
Ивановиќ и Швајнштајгер започнаа врска во 2014 година, а се венчаа две години подоцна на романтична церемонија во Венеција. Нивната љубовна приказна беше инспирација за многумина, особено поради нивната семејна среќа што ја делеа со јавноста. Сепак, доколку овие информации се покажат како точни, тоа би значело крај на една од најубавите спортски љубовни приказни на нашето време.
До овој момент, ниту Ана, ниту Бастијан, ниту Естер Седлачек јавно не се изјасниле за наводите и шпекулациите.