Дипломатските напори на францускиот претседател Емануел Макрон да побара помош од Кина за да интервенира во руската војна во Украина доживеаја нов удар, објави денеска „Блумберг“.
Во опсежната анализа на агенцијата се цитираат изјави од неименувани извори, според кои администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден веќе изразила дека однесувањето на Макрон кога е Кина во прашање е „иритирачко“.
На новинарско прашање дали смета дека Крим е дел од Украина, кинескиот амбасадор во Франција Лу Шаје рече дека земјите од поранешниот Советски Сојуз, како Латвија, Естонија и Литванија, немаат суверен статус на независни нации, што е позиција спротивна на кинеското признавање на независноста на тие земји од 1991 година.
„Блумберг“ потсетува дека Лу е познат по своите „тврди“ изјави и наведува дека оваа била примена како уште еден студен туш поради обидите на Макрон да го вклучи Пекинг во помагањето за деескалација на војната во Украина.
Кина се смета себеси за неутрална кога станува збор за војната во Украина.
Обидот на Макрон да се вклучи во такви чувствителни дипломатски напори без претходно да се консултира со сите членки на ЕУ, сојузниците го сметаа за предвремен, тврдејќи дека тоа може да го загрози единството на блокот.
Пристапот на францускиот лидер кон кризата во Украина не помина добро ниту во Вашингтон, велат неименувани извори.
Макрон и Бајден разговарале минатата недела, а според агенцијата, тонот на разговорот бил „леден“, а во изјавите по разговорот можело многу да се прочита меѓу редови, пренесува „Танјуг“.