Нов закон стапи на сила: Од денеска Јужнокорејците стануваат година или две помлади!

од Nikola Popovski
520 прегледи

Јужнокорејците денеска официјално станаа една или две помлади бидејќи стапија на сила новите закони со кои се бара да се користи само меѓународниот метод на броење години, заменувајќи го традиционалниот метод што досега се користеше во земјата, пренесува Ројтерс.

Според старосниот систем кој најчесто се користи во секојдневниот живот на Јужнокорејците, се смета дека луѓето имаат една година при раѓањето, а година се додава на секој 1 јануари.

Според Ројтерс, од почетокот на 1960-тите, земјата ја користи меѓународната норма за броење од нула при раѓање и додавање една година на секој роденден за медицински и правни документи. Но, многу Јужнокорејци продолжија да го користат традиционалниот метод за сè останато.

Во декември, Јужна Кореја донесе закони со кои се укинува традиционалниот метод и целосно се усвојува меѓународниот стандард.

„Очекуваме дека правните спорови, жалбите и социјалната конфузија што се појавија во текот на пресметувањето на возраста ќе бидат значително намалени“, рече министерот Ли Ван-кју на брифингот со новинарите.

Според владиното истражување спроведено во септември 2022 година, 86% од Јужнокорејците изјавиле дека ќе го користат меѓународниот метод во секојдневниот живот кога новите закони ќе стапат на сила.

„Следната година требаше да наполнам 30 години (според традиционалниот корејски старосен систем), но сега имам малку дополнително време и ми се допаѓа“, вели Чои Хјун-џи, 27-годишна работничка во канцеларија во Сеул.

Слични содржини