Американскиот претседател Џозеф Бајден ги направи првите големи чекори кон декриминализација на марихуаната, исполнувајќи го предизборното ветување за бришење на претходните федерални пресуди за поседување на дрогата, со што започна процесот на олеснување на федералната класификација.
Бајден ќе ги помилува сите осудени според федералниот закон за обично поседување марихуана, потег за кој високи претставници на администрацијата велат дека ќе влијае на илјадници Американци, според Си-Ен-Ен.
– Испраќањето луѓе во затвор поради поседување марихуана промени премногу животи за однесување кое многу држави повеќе не го забрануваат. Криминалното досие за поседување марихуана, исто така, создаде непотребни бариери за вработување, домување и можности за образование, рече Бајден, додавајќи дека Афроамериканците и Латиноамериканците се гонат несразмерно повеќе од белците.
Бајден, исто така, ќе ги охрабри гувернерите да преземат слични чекори на државно ниво за поседување марихуана, и ќе го задолжи Министерството за здравство, човечки услуги и јавниот обвинител Мерик Гарланд „експедитивно“ да го разгледаат статусот на марихуаната во федералниот закон.
Си-Ен-Ен наведува дека декриминализацијата на марихуаната ужива зголемена поддршка и од демократите и од републиканците и дека тоа се значајни чекори преземени од американскиот претседател кон укинување на кривичните казни за поседување марихуана.
Марихуаната е нелегална според федералниот закон, иако некои држави се придвижија кон легална рекреативна и медицинска употреба.
Според Законот за контролирани супстанции од 1970 година, марихуаната е наведена како „нема моментално прифатена медицинска употреба и има висок потенцијал за злоупотреба“.
Тоа остави простор за кривично гонење, дури и на места каде што употребата на марихуана е легална.
Како кандидат, Бајден не ја поддржа легализацијата на рекреативната марихуана, но зазеде став за декриминализација.
– Никој не треба да лежи во затвор поради марихуана. Како претседател ќе ја декриминализирам употребата на канабис и автоматски ќе ги поништам претходните пресуди – рече Бајден за време на кампањата.
Олабавувањето на федералните правила за марихуаната доби на интензитет во последниве години бидејќи се повеќе држави ја легализираат.
Кон крајот на 2020 година, Претставничкиот дом усвои мерка со која ќе се декриминализира марихуаната на федерално ниво, иако таа не беше разгледана во Сенатот.