Ирачкиот парламент усвои закон со кој се воведува кривична одговорност за нормализирање на односите и воспоставување какви било врски, вклучително и деловни врски, со Израел. Според тој закон, на сторителот му се заканува смртна казна или доживотен затвор.
За законот гласаа 275 пратеници во парламентот со 329 пратенички места. Во соопштението, Собранието наведува дека законот е „вистински одраз на волјата на народот“.
Влијателниот шиитски свештеник Муткада ал Садр, чија партија освои најмногу пратенички места на минатогодишните парламентарни избори, ги повика Ирачаните да излезат на улица и да го прослават новиот закон како „големо достигнување“. Стотици луѓе подоцна се собраа во центарот на Багдад и извикуваа антиизраелски слогани.
Како што наведува АП, не е јасно како законот ќе се применува бидејќи Ирак не го призна Израел од неговото формирање во 1948 година, а двете земји немаат дипломатски односи.
Законот претставува ризик за компаниите кои работат во Ирак за кои ќе се утврди дека ги прекршуваат неговите одредби.