Во вторник, шведскиот парламент донесе нов закон со кој се забранува купувањето сексуални услуги преку интернет, со што Шведска стана првата западноевропска земја што ја воведува ваквата забрана за одредени интеракции на веб-страници како OnlyFans.
Од 1 јули оваа година, ќе биде кривично дело да се плати некому за да се снима себеси додека има секс или мастурбира. Ова предизвика остри реакции од корисниците на OnlyFans и слични платформи, кои сметаат дека ваквата забрана ќе ја поттикне проституцијата да се пресели на улиците.
„За време на пренос во живо, ме следат во просек околу 3.000 претплатници. Дали тоа значи дека водам љубов со илјадници луѓе? Не, само седам пред камера и микрофон“, изјави 25-годишната Швеѓанка Кара, која има 200.000 следбеници на OnlyFans и добро заработува од својата работа. Таа додава дека нејзиниот онлајн бизнис не е ист со проституцијата и дека ако ја гони полицијата, планира да се пресели во Данска, каде што OnlyFans и понатаму е легален.
Важно е да се напомене дека новиот закон не го забранува целосно работењето на OnlyFans. Класичниот модел на претплата останува легален, но дополнителното плаќање за конкретни сексуални содржини ќе биде забрането.
Како е регулирана проституцијата во Шведска?
Во Шведска не е дозволено да се купува секс, но е дозволено да се продава. Ова е дел од познатиот „нордиски модел“ воведен во 1999 година, кој ги казнува купувачите на сексуални услуги, а не продавачите. Исто така, се санкционираат и оние кои ја олеснуваат или организираат проституцијата, како сопствениците на објекти каде се одвива проституцијата.
Што се менува со новиот закон?
Интернетот донесе нови начини за купување и продавање секс, особено преку платформи како OnlyFans. Сега, од 1 јули, ќе биде незаконско да се плаќа за снимање на сексуални активности направени специјално по нарачка. Сепак, ќе остане дозволено да се претплатите и да гледате содржина која е општо достапна и не е нарачана специјално за вас.
Зошто законот е добар?
Поддржувачите велат дека сега ќе има јасни и униформни правила, со кои ќе се спречи проституцијата да се пресели во дигиталниот свет. Според Сана Бакеског од социјалдемократите, дигиталната проституција ги замаглува границите помеѓу порнографијата и трговијата со луѓе, а новиот закон ќе ја спречи експлоатацијата во онлајн простор.
Зошто законот е лош?
Критичарите сметаат дека забраната создава непотребна морална паника и дека ќе ги става онлајн креаторите на содржини во ризик од гонење. Исто така, постои стравување дека законот ќе биде тешко применлив во практика, а полицијата ќе има проблеми со откривање и докажување кривични дела. Мартин Мелин од Либералната партија, поранешен полицаец, изјави дека е тешко да се замисли како законот ќе функционира во пракса и дека ова ќе биде предизвик за полицијата и обвинителите.
Што следува?
Законот треба да стапи на сила од 1 јули. Се очекува многу дискусии и дебати за неговата имплементација и влијание врз онлајн креаторите и пазарот на сексуални услуги во Шведска.