Нова доминација на пазарот: Apple повеќе не е на врвот

од Vladimir Zorba
107 прегледи

Иако Apple не беше првиот што влезе на пазарот за „wearable“ уреди, тој доминираше со години благодарение на популарноста на Apple Watch. Сепак, според последните податоци има промена на врвот.

Во првите три квартали од оваа година, Huawei испорача 23,6 милиони ваков тип на уреди и го зазеде водечкото место со 16,9% од глобалниот пазар, што е раст од 44% во споредба со истиот период минатата година. Apple забележа пад од 10% во испораките и сега има пазарен удел од 16,2%, со испорачани 22,5 милиони уреди. Третото место го зазеде Xiaomi со 20,5 милиони испораки и раст од 25%, додека Samsung е на четврто место со 11,5 милиони испораки.

Вкупно, во првите три квартали од оваа година биле испорачани 139 милиони „wearable“ уреди, што е мало намалување во споредба со 140,5 милиони лани. Кина го предводи патот како најголем пазар, со испорачани над 45 милиони уреди и раст од 20%. Од вкупниот број, 33 милиони уреди се паметни часовници, што претставува раст од 23,3%.

Причините за успехот на Huawei аналитичарите ги гледаат во новите модели (Watch GT 5, GT 5 Pro, Watch D2) и проширувањето во различни региони, особено во Азија и Блискиот Исток. Исто така, доминацијата на кинескиот пазар значително придонесува за нивниот успех.

Важно е да се напомене дека Apple сè уште го држи првото место кога станува збор само за паметни часовници, без други уреди за носење како фитнес нараквици.

Слични содржини