Нова книга за Бајден открива: Членови на кабинетот изгубиле доверба во претседателот во последната година, бил дезориентиран и тажен

од Љубиша Владимиров
58 прегледи

Во последната година од мандатот на американскиот претседател Џо Бајден, некои членови на неговиот кабинет изгубиле доверба дека тој може да реагира ефикасно во случај на итна криза, покажува новата книга „Првобитниот грев“, напишана од Џејк Тапер (CNN) и Алекс Томпсон (Axios).

Според информациите објавени првично од Си-Ен-Ен, авторите откриваат дека во 2023 и 2024 година, додека Бајден се кандидирал за реизбор, неговиот најблизок круг намерно го изолирал од повеќе членови на кабинетот.

„Немавме пристап до него со месеци. Белата куќа имаше очигледна стратегија да го штити и да се сретнува со што е можно помалку луѓе“, изјавил еден од секретарите на кабинетот. Според него, од октомври 2023 година, комуникацијата била речиси целосно прекината.

Книгата, базирана на повеќе од 200 интервјуа главно со демократски функционери, открива дека неколку секретари на кабинетот биле изненадени од состојбата на Бајден при ретки средби — опишувајќи го како дезориентиран, со отворена уста и бавни реакции.

„Не мислам дека има деменција, но факт е дека е стар. Претседателот може да функционира добро четири до шест часа дневно. Кога беше уморен… беше тажен, повлечен“, рекол друг висок функционер.

Според авторите, наместо да комуницираат директно со Бајден, членови на кабинетот морале да разговараат со неговите помошници, кои потоа ги филтрирале информациите што стигнувале до претседателот. Некои од нив се прашувале дали таквиот процес навистина му дозволува на Бајден да носи независни одлуки.

Портпаролот на Бајден, кој зборувал за Си-Ен-Ен под услов на анонимност, ги отфрли овие наводи, нагласувајќи дека претседателот останува ефикасен и фокусиран на својата работа.

„Сè уште чекаме доказ дека Бајден не бил способен да ја врши својата функција. Наспроти тоа, фактите покажуваат дека тој бил многу ефикасен претседател“, рече портпаролот.

И самите Џо и Џил Бајден јавно ги негираа овие тврдења. Во гостување во емисијата „The View“ на ABC минатата недела, првата дама рече:

„Луѓето што ги пишуваат тие книги не беа со нас во Белата куќа. Не видоа колку напорно работеше Џо секој ден. Тој стануваше рано, работеше цел ден, а навечер, додека јас веќе читав книга во кревет, тој сè уште беше на телефон и работеше со персоналот“.

Слични содржини