Денес беше остварен состанок помеѓу претставниците од министерството за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска и на Агенцијата за вработување на РСМ, директорот, Абдуш Демири во врска со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година.
Во рамките на овој план, како што инфирмираат од МТСП, и годинава фокусот се задржува на помошта и поддршката на невработените лица кои потешко се вклучуваат на пазарот на трудот и компаниите на кои им е најпотребна работна сила.
„Оперативниот план за 2021 година, предвидува продолжување на програмите, со тоа што во дел од нив се направени измени кои се резултат на искуството од имплементацијата (обука кај познат работодавач, обуки за развој на дигитални вештини), а се воведува и нова програма – поддршка на невработените лица за грижа во заедницата. Исто така, во план е имплементирање и на програми за самовработување и вработување и раст на правни субјекти кои создаваат нови работни места во услови на КОВИД 19“, посочија од МТСП.
Министерството, најавуваат оттаму, продолжува со политиките и мерките за вработување во кои се вклучени повеќе органи и институции, а со цел полесно справување со предизвиците од невработеноста. Очекувањата и оваа година се висока реализација на програмите и мерките како и претходната, каде во најголем дел имаше стопроцентна реализација.