Нова сообраќајна сигнализација во Горно Лисиче во Аеродром

389 прегледи

Општина Аеродром периодов активно работи на реализација на барањата на жителите на Горно Лисиче за измени во сообраќајната сигнализација.

Имено, тие неодамна одржаа средба со градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, на која побараа измена на сообраќајната сигнализација во нивната населба, со цел да се постават повеќе технички средства за забавување на сообраќајот на улиците „Горно Лисиче“, „Лисец“, „Божин Николов“ и „Горноврановска“, како и нова вертикална и хоризонтална сигнализација.

Општина Аеродром веднаш излезе во пресрет на нивните барања и изготви проектна техничка документација, која доби одобрение и од Град Скопје, но од Министерството за внатрешни работи имаше забелешки. Општина Аеродром постапи по забелешките на Министеарството за внатрешни работи, од кадешто се очекува позитивен одговор, бидејќи се прифатени сите сугестии.

Штом го добиеме одговорот веднаш ќе пристапиме кон реализација на проектот, а жителите на Горно Лисиче во најскоро време ќе ја добијат бараната сигнализација.

Општина Аеродром изминатите години интензивно работи на подобрување на безбедноста во сообраќајот и секаде каде што има можност врши интервенција на сигнализацијата, за што сведочат и средствата за забавување на сообраќајот пред основните училишта.

Слични содржини