НОВ ДОДАТОК ВО БАВАРИЈА ОД 2026 ГОДИНА: 3.000 евра за првиот роденден на детето

од Весна Петровска
10 прегледи

Од 2026 година во германската сојузна покраина Баварија, родителите наместо досегашниот семеен додаток (Familiengeld) ќе добиваат нова еднократна помош наречена Kinderstartgeld. Оваа помош ќе се исплаќа во износ од 3.000 евра по дете, на неговиот прв роденден. Иако износот звучи примамливо, многумина го сметаат ова како чекор наназад во поддршката за семејствата со мали деца.

Имено, семејниот додаток што постои во Баварија од 2018 година се исплаќа месечно и изнесува 250 евра месечно по дете, во периодот од 13-тиот до 36-тиот месец од животот. Родителите кои имаат трето или повеќе деца добиваа дури 300 евра месечно. Кога ќе се пресмета, родителите можеа да добијат вкупно 6.000 евра по дете за две години, односно 7.200 евра ако имаат тројца или повеќе деца. Новиот модел значи дека родителите ќе добијат само половина од таа сума, и тоа еднократно.

Според предлог-законот што неодамна го донесе баварскиот државен совет, Kinderstartgeld ќе важи само за деца родени по 1 јануари 2025 година. За разлика од досегашниот модел, каде што семејниот додаток се доделуваше автоматски по одобрување на родителскиот надомест (Elterngeld), сега родителите ќе треба да поднесат посебно барање. Барањето ќе се поднесува до Баварскиот центар за семејни и социјални прашања (Zentrum Bayern Familie und Soziales), а потребните обрасци ќе бидат достапни дури кон крајот на 2025 година.

За да се оствари право на Kinderstartgeld, родителите мора да имаат пријавено живеалиште во Баварија. Добра вест е дека оваа исплата нема да се зема предвид при пресметка на социјалните надоместоци и нема да се оданочува.

Со укинувањето на семејниот додаток, Баварија планира да го укине и т.н. Krippengeld – додаток до 100 евра месечно кој им помагаше на родителите да ги покријат трошоците за градинка. Заштедените средства се планира да се вложат директно во предучилишните установи. Владата на Баварија тврди дека од тоа ќе имаат корист не само семејствата, туку и општините и управителите на детските градинки.

Иако новата помош делува дарежливо, многу родители ќе ја загубат долгорочната финансиска поддршка. Намалувањето на износот на поддршка и укинувањето на дополнителните олеснувања се перципира како намалување на грижата за семејствата со мали деца.