Олег Прудкиј, 30-годишниот украински шампион во бокс, беше убиен во напад на руските сили врз градот Черкаси во централна Украина.
Според соопштението на градската полиција, тој го загубил животот со уште тројца полицајци додека бил на улица.
„На 22 мај, додека го бранеа суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, беа убиени нашите колеги, полицајци во Единицата за специјални операции. Нема зборови со кои може да се опише оваа болка и загуба. Стоиме со спуштени глави пред нивните родители. Тие ќе останат запаметени како искрени и принципиелни луѓе, добри пријатели и колеги. Изразуваме длабоко сочувство“, се вели во соопштението на полицијата.
Смртта на двократниот шампион на Украина во бокс ја потврди и неговата сопруга Маријана.
„Војната ги однесе најдобрите… Не верувам дека веќе не си тука. Дека никогаш нема да слушнам „Добро утро, мила. Добро сум. Како се девојките?“ И што е најважно, дека „никогаш повеќе нема да ми кажеш „те сакам““, напишала таа во прошталната порака со бројни фотографии.
Во моментот на смртта боксерот имал 30 години, а зад себе оставил две ќерки.