Нови детали од истрагата: Даниел Кајмакоски ги познавал киднаперите 

од Весна Трајкова
39 прегледи Фото: Принтскрин /Инстаграм

Познатиот пејач Даниел Кајмакоски беше киднапиран пред повеќе од еден месец кај Бетон Хала во Белград. Драматичниот напад ја шокираше јавноста во регионот.

По повеќе од еден месец откако Кајмакоски беше киднапиран, деталите од овој случај продолжуваат да ја шокираат јавноста.

Иако киднаперите сè уште се во бегство, најновите информации добиени од истражните органи се застрашувачки – се сомнева дека киднапирањето е нарачано од лице кое пејачот многу добро го познава, објави српски „Телеграф“.

Адвокатот на пејачот Даниел Кајмакоски, Бранислав Станишиќ, откри дека неговиот тим има сериозни сомнежи, кои ги споделуваат со надлежните органи.

„Имаме сомнежи поврзани со некои луѓе што Даниел ги познава и со кои имал некаков контакт во минатото“, истакна Станишиќ.

Според него, самите сторители на киднапирањето најверојатно се странци, ангажирани за оваа „валкана“ работа.

Физичкиот изглед и јазикот што го зборувале укажуваат дека се работи за луѓе од Турција, Македонија или можеби дури и од Виена, каде што Даниел живеел повеќе од две децении.

Криминалната истрага ќе мора да утврди кој го нарачал киднапирањето и кај останува одговорноста. Кајмакоски исто така се соочува и со значајни финансиски загуби – неговиот луксузен џип вреден 30.000 евра беше задржан недели во полицијата, а при враќање беше целосно уништен со штета од 5.000 евра. Бидејќи возилото немало сеопфатно осигурување, а виновниците сè уште не се уапсени, пејачот е принуден да го поправи од свој џеб.