Во изјава под заклетва се дадени дополнителни детали за случајното пукање минатиот четврток во Ново Мексико во кое загина 42-годишната Халина Хачинс, а режисерот Џоел Соуза беше ранет, пренесува Ројтерс.
На Болдвин му бил даден сценски пиштол и му било кажано дека не е наполнет, според властите во Санта Фе во судските документи.
„Џоел рече дека Алек седел на клупа и снимал сцена во импровизирана црква и дека вежбал вкрстено влечење пиштол. Џоел рече дека гледал преку рамото на Хачинс кога слушнал звук налик на камшик, а потоа силен истрел“, рече тој во соопштението.
Хачинс потоа била погодена во пределот на градите, се наведува во документот.
„Џоел тогаш нејасно се сеќава како Хачинс се жалела на нејзиниот стомак и како го фатила за неговиот среден дел. Џоел, исто така, рекол дека Хачинс почнала да се тетерави наназад и паднала на земја“, се додава во соопштението.
Халина Хачинс рече дека не ги чувствувала нозете, изјави Рид Расел, снимател кој стоел до неа во моментот на снимањето.
Вознемирениот Болдвин (63) е фотографиран во саботата пред хотел во Санта Фе како се гушка и разговара со Мет Хачинс, сопругот на Халина Хачинс и нивниот деветгодишен син.
Никој не е обвинет за фаталниот инцидент за време на пробата во четвртокот на ранчот Бонанза Крик во близина на Санта Фе, додека канцеларијата на шерифот ја продолжува истрагата.
Неколку медиуми и социјални мрежи изразија загриженост за безбедносните протоколи за снимањето на нискобуџетниот филм, додека самиот Рид изјави дека филмската екипа имала проблеми со продукцијата, вклучително и плаќањето и домувањето.
Рид изјави и дека шест лица го напуштиле снимањето на филмот.
Серж Светној, главниот електричар ангажиран во снимањето, во објава на Фејсбук рече дека ја држел Хачинс за рацете додека таа умирала и ја обвини „небрежноста и непрофесионалноста“ за нејзината смрт.
Веб-страницата TMZ.com, повикувајќи се на неидентификувани извори поврзани со продукцијата, наведува дека пиштолот што му бил даден на Болдвин, претходно го користеле членовите на екипажот за вежби за гаѓање цели надвор од сетот, користејќи вистински куршуми.