Во саботата Русија и Украина повторно меѓусебно се обвинија дека во последните 24 часа испукале ракети врз нуклеарната централа Запорожје.
Во саботата руското Министерство за одбрана ги обвини украинските воени сили дека трипати го гранатирале комплексот нуклеарна централа Запорожје во последните 24 часа.
Ројтерс не можеше да ги потврди информациите од бојното поле.
Украинската државна нуклеарна компанија Енергоатом објави дека Русија го гранатирала комплексот на нуклеарната централа Запорожје, кој е под контрола на Русија.
„Во последните 24 часа руските војници повторно го гранатираа подрачјето каде што се наоѓа нуклеарната централа Запорожје. Во моментов се утврдува штетата“, објави Енергоатом во соопштението на Телеграм.
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за гранатирање на локацијата, што ги поттикна стравувањата од нуклеарна катастрофа.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во петокот изјави дека светот за влакно избегнал радијациска катастрофа бидејќи струјата на украинската нуклеарна централа Запорожје била прекината со часови поради руското гранатирање во областа, тврдење кое Москва го негираше.