Нови вработувања во администрацијата: „Од Балансерот да се извадат лицата кои не изразиле етничка припадност“

од Берта Китинска
303 прегледи

Институциите во Македонија од Министерството за информатичко општество добиле План за вработување за идната година со изменет т.н. Балансер.

Од Влада во изјава за „Локално“, посочуваат дека балансерот треба да се измени, појаснувајќи дека препорачаните проценти за новите вработувања треба да се намалат за вкупно 7,2 %.

-Владата преку Министерство за информатичко општество и администрација е во комуникација и координација со сите инволвирани страни. Се работи на реформи за Балансерот. Во врска со Балансерот важно е да се знае дека станува збор за алатка која не е нова, таа е направена за време на претходната власт, согласно пописот во 2002. Она што сега е случај е тоа што во Балансерот се земени во предвит резултатите од пописот во 2021 година.Она што треба да се направи како дополнителна корекција е да се извадат од балансер оние кои не изразиле етничка припадност, односно 7.2% од граѓаните во Северна Македонија, велат од Влада.

По последниот попис, министерот Адмирим Алити решил на државна плата да ги стави и оние кои како Албанци се попишале дека живеат во дијаспората.

Според него 31,54 отсто од администрацијата треба да се Албанци, а до оваа бројка тој дошол така што на процентот на Албанци кои живеат во земјава (24,3 отсто) го додал процентот на оние кои се запишале како Албанци во дијаспората, уште 5,2 отсто или вкупно 29,54 отсто, а додал и плус два проценти од лицата кои не можеа да се најдат или го бојкотираа пописот лица, па беа административно попишани со вкрстување на податоци и изнесуваат 7,2 отсто.

„Само резидентното население е валидно при вработувањата по етнички клуч“

Единствена валидна категорија е резидентно население и тоа е во согласност со сите стандарди на ОН што важат за сите земји во светот и ги прифати и Евростат,кажа пред извесно време директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, појаснувајќи за тоа кои податоци треба да се користат од Министерството за информатичко општество и администрација при усогласување на податоците за алатката „Балансер“.

– Ние како земја, категоријата нерезидентно население одлучивме да ја попишуваме затоа што имаме проблем со емиграцијата и тие податоци да се искористат за да се креираат политики да се намали емиграцијата и евентуално да се вратат луѓе, ама не може тие да бидат дел од никаква друга категорија население – изјави Симовски.
Според него, оние седум отсто граѓани што беа попишани користејќи различни бази на податоци и за кои нема податоци за национална припадност, треба да останат во групата останати.

Според последниот попис, одржан во септември лани, на територијата на Македонија живеат 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци.

Н.П.

Слични содржини