Последниот извештај на „Репортери без граници“ во нивниот Глобален индекс за слобода на медиумите за 2023 година го нагласува големото влијание што лажните содржини во дигиталниот екосистем го имаат врз слободата на медиумите ширум светот. Северна Македонија е рангирана на 38. место од вкупно 180 земји, со што бележи скок од 19 места во однос на 2022 година. Притоа сите балкански земји се подобрија на листата во однос на минатогодишниот извештај, освен Србија која беше единствената што се врати блиску до местото каде што го помина периодот од 2019 до 2021 година.
По повод, светскиот ден на слободата на медиумите, 3 мај, дел од новинарите се осврнаа на состојбите во македонското новинарство. Иако ставот дека состојбата е релативно подобрена во споредба со изминативе години, постои тренд на напади врз новинари, вербални навреди и понижувања од страна на политичарите. Директорката на Македонскиот институт за медиуми – МИМ, Билјана Петковска во изјава за „Локално“ вели дека значителното подобрување на нашата позиција на листата на „Репортери без граници“ е пред се резултат на измените во Кривичниот законик. Сепак смета дека потребно е време за да се согледа колку тоа ќе функционира во пракса.
Петковска не верува дека нашите новинари имаат поголема медиумска слобода од други земји.
-Лично не верувам дека нашите новинари уживаат поголеми медиумски слободи од тие во САД, или Словенија, на пример, кои се рангирани полошо, но за нас како држава ова е добра вест, порачува Петровска.
Долгогодишниот новинар Зоран Иванов исто така го поздравува напредокот на листата на „Репортери без граници“, нагласувајќи дека порано бевме дефинирани како заробена држава.
-Ова секако е плод и на веќе толку извиканата шарена револуција. Сега убаво звучи фактот што во регионов сме на водечка позиција дури и пред некои земји членки на ЕУ. Но да не се залажуваме, во извештајот на „Репортери без граници“ има и делови каде не треснуваат од земја, вели Иванов за „Локално“.
Во делот за лажните вести и говорот на омраза, новинарот потенцира дека сме на врвот.
-Исто и со односот на политичарите спрема новинарите. Во извештајот е евидентирана арогантноста на политиката спрема новинарите и тоа зборува за ниска политичка култура во земјава што е непростливо за држава кандидат за ЕУ, истакнува Иванов.
Нагласува дека медиумите, нивната обврска и одговорност за елиминирање лажни вести и говор на омраза, сето е дел од извештајот.
-Затоа, нема многу место за триумфализам, но сепак добро е што напредокот е регистриран и како обврска за медиумите, редакциите, уредниците и новинарите да застанат поцврсто врз професионалните новинарски скрупули, пред се, врз етичките стандарди, порачува Иванов.
Претседателката на Советот за етика во медиумите Катарина Синадиновска во разговор за „Локално“ вели дека секогаш е задоволство да се види напредок на која било скала посветена на процесите на демократизација на земјата.
-Сепак, истовремено е точно дека неколкуте места напред или назад не се однесуваат на клучните системски реформи на коишто инсистираме како новинарски здруженија години наназад. За да биде појасно – и лани сме имале напредок и еве што сум кажала тогаш: „Напредокот на Извештајот на Репортери без граници не значи ништо без системски промени кои и самиот Извештај ги нотира во дадени сегменти“. Мислам дека можам да си ја повторам истата изјава годинава и да биде актуелна и тоа доволно говори самото по себе. Ако и догодина имаме напредок, а ќе може да се самоцитираме пак – ништо не сме направиле, истакнува Синадиновска.
Она што е најстрашно, додаваа таа, е што годинава е споменат односот на владините функционери кои имаат цитирам – лош и омаловажувачки однос кон новинарите.
-Е тука имаме регрес. А добро тргнавме како општество пред неколку години во сфаќањето на критиката и ценењето на истата. Ние во новинарските здруженија се разбира дека со сериозна загриженост ги следиме дрските јавни настапи на носителите на највисоката власт во земјава, каде јавно посочуваат медиуми, сопственици и новинари кои не им се по вкус и овие настапи секогаш се проследуваат до релевантните меѓународни партнери и до самата ЕУ. Вклучително се разбира и до „Репортери без граници“, кои сега го споменаа овој тренд, а веќе и го подготвуваат следниот извештај. Споменавте многу сериозни проблеми во прашањето и пристапот кон нивното надминување мора да е мултисекторски и сеопфатен – фелата, државата и самите медиумски куќи. Но, во однос на транспарентноста на институциите, која самите колеги се жалат дека се намалува и овие зачестени непријателски изјави кон самите новинари, тоа е нешто за кое не само новинарите, туку сите борци за демократија и слобода треба да бидат загрижени, ни рече претседателката на Советот за етика во медиумите.
Синадиновска е децидна дека единствено преку функционален систем може да се заштитат колегите кои се предмет на напад.
На прашањето дали донесените измените во Кривичниот законик кои имаат за цел да се изедначи нападот врз новинари и медиумски работници како напад врз службено лице, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите, соговорничката искрено очекува и се надева дека нема да биде демантирана од времето.
-Се боревме долги години за овој успех и ова заслужува големо браво за сите вклучени во процесот и од страна на државата и од страна на новинарскиот еснаф. Нападот врз новинар е напад врз демократијата, врз граѓанинот и неговото право да биде професионално и навремено информиран и тука ниедна демократска држава и јавност не прави компромис, изјави Синадиновска.
Н.П.