Новинарите и медиумските работници се дел од втората група за вакцинација против Ковид 19

235 прегледи

Од Министерството за здравство денес информираа дека министерот, Венко Филипче остварил средба со претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски и извршниот директор, Драган Секуловски, како и членовите на Извршниот одбор на ССНМ, Тамара Грнчароска и Павле Беловски.

Тема на разговорот била важноста од тоа новинарите да се најдат во приоритетните групи за вакцинација против Ковид 19, поради комплексноста на нивната работа и постојаната комуникација со луѓе, што е изложување на ризик од зараза од Ковид 19.

Како што информираше Филипче, согласно Националниот план за Ковид 19 вакцинацијата, новинарите и медиумските работници веќе се опфатени во втората фаза за имунизација и спаѓаат во делот на категоријата граѓани од витални институции за функционирање на државата, што значи дека новинарите и медиумските работници ќе се вакцинираат веднаш после завршување со вакцинирање на групите кои се предвидени во првата фаза, а за кои вакцинацијата започна вчера и е во тек.

Вакцинацијата за новинарите и медиумските работници од радиодифузерите, печатените и он-лајн медиумите, на целата територија на државата, ќе биде доброволна.

Во рамки на процесот, заинтересираните ќе можат да се пријават во својот медиум, од каде списоците ќе бидат поднесени до ЗНМ и ССНМ, кои ќе добијат информации за термин и вакцинација на пријавените.

Терминот за вакцинирање на пријавените во медиумите ќе се утврдува согласно протоколите за имунизација на Министерството за здравство, а детали околу постапката за пријавување ќе следи во текот на следните две недели.

Слични содржини