Руските власти уапсија новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), медиум финансиран од САД, под обвинение дека не се регистрирала како „странски агент“, објави медиумската куќа.
Алсу Курмашева, која има и руско и американско државјанство, е втората американска новинарка која е приведена во Русија годинава, пренесува „Ројтерс“. Еван Гершкович, дописник на Wall Street Journal, беше уапсен во март под обвинение за шпионажа, што тој го негира.
Руската новинска агенција Татар-Информ објави дека Курмашева не била регистрирана како „странски агент“ додека собирала информации за воените активности на Русија. Таа може да се соочи со затворска казна до пет години, според РСЕ, која побара нејзино ослободување.
Курмашева живеела во Прага до мај, кога отпатувала во Русија поради „вонредна состојба во семејството“, наведува РСЕ.
Нејзините два пасоша биле одземени на 2 јуни кога се обидела да се врати во Прага и била казнета затоа што не ги известила руските власти за нејзиното американско државјанство. Курмашева чекала да ѝ бидат вратени документите кога била приведена на 18 октомври по ново обвинение.
Според рускиот закон, поединци и организации кои добиваат средства од странство можат да бидат прогласени за странски агенти, што потенцијално ќе го наруши нивниот кредибилитет кај руската јавност.