Руската ТВ-новинарка Марина Овсијаникова, обвинета за ширење лажни вести по организирањето на серија изолирани протести против војната во Украина, побегнала од Русија, изјави денеска нејзиниот адвокат Дмитриј Захатов.
Таа претходно избегала од домашен притвор.
Захатов рече дека Овсијаникова и нејзината ќерка сега се под заштита на европска земја која тој не ја именуваше.
– Сега се во Европа. Тие се добро. Чекаат јавно да проговорат, но засега не е безбедно – рече Захатов.
Адвокатот не сакаше да даде детали за нејзината локација, велејќи дека тоа може да и донесе проблеми на Овсијаникова, пренесува Sky news.
Овсијаникова го привлече глобалното внимание во март појавувајќи се пред студиските камери за време на вечерните вести на државната телевизија со плакат на кој пишуваше „Стоп за војната“ и „Ве лажат“.
Кремљ потоа го осуди нејзиниот чин на протест како „хулиганство“.
44-годишната жена доби два месеци домашен притвор во август, откако, за време на протестите во јули, застана на насипот на реката спроти Кремљ и држеше плакат со кој Путин го нарекува убиец, а неговите војници фашисти. Сепак, таа успеала да побегне од домашен притвор на почетокот на октомври.