Новиот премиер на Нов Зеланд, лидерот на лабуристите Крис Хипкинс денес положи заклетва по оставката на премиерката Џасинда Ардерн минатата недела.
Лабуристичката партија го избра поранешниот министер за полиција и за борба против Ковид да раководи со партијата и државата. Хипкинс (44) одржа прес-конференција по првата седница на неговиот кабинет.
Хипкинс рече дека централниот дел од неговата политичка агенда ќе биде насочен кон ограничување на инфлацијата.
Познат како „Чипи“, Хипкинс е добро познат на Новозеланѓаните по неговата компетентност во борбата против короната, иако призна некои грешки и се соочува со тешка битка да ја задржи власта на општите избори во октомври, објави Ројтерс.
42-годишната Ардерн поднесе оставка минатата недела, велејќи дека повеќе нема енергија да ја води земјата.