Новиот претседател на Јужна Кореја, Јун Сук-јеол повика на „целосна денуклеаризација“ на Северна Кореја, додавајќи дека нуклеарниот арсенал на земјата претставува закана за светската безбедност.
Јун денеска положи заклетва на церемонија во јужнокорејскиот парламент во Сеул, на која беа поканети околу 40.000 луѓе.
Тој рече дека ќе биде подготвен да претстави „храбар план“ за заживување на севернокорејската економија доколку Пјонгјанг „навистина се посвети на процесот на целосна денуклеаризација“.
„Денес се соочуваме со повеќе кризи“, додаде тој, мислејќи на пандемијата на коронавирус, проблемите со синџирот на снабдување и конфликтите во светот.
Претседателот вети построга надворешна политика од Јужна Кореја, десеттата по големина економија во светот, откако неуспешните обиди за зближување со Северна Кореја го одбележаа мандатот на неговиот претходник, Мун Џе-ин.
Се очекува Јун Сук-јеол да предложи серија радикално различни реформи од оние на неговиот претходник.