Новиот заменик-градоначалник на Скопје за „Локално“: Деструктивното дејствување на советниците на ВМРО-ДПМНЕ не им носи политички поени

од Берта Китинска
260 прегледи

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска минатата недела назначи нов заменик градоначалник откако Бујар Абази од Алијанса на Албанците поднесе оставка од функцијата.

Александар Трајановски од редовите на ГРОМ кој беше избран за заменичката функција во разговор за „Локално“ посочува дека во изминатите пет години успеал да изгради коректен однос со претставниците на градската администрација, секторите и одделенијата, како и со колегите советници од сите политички партии.

-Ќе ја искористам оваа прилика уште еднаш да им се заблагодарам на скопјани кои во два наврати ми ја даваат довербата да ги бранам и застапувам нивните интереси. Во овие пет години успав да изградам коректен однос со претставниците на градската администрација, секторите и одделенијата, но и со колегите советници од сите политички партии. Оние кои што ме познаваат знаат дека од секогаш сум се залагал за доброто на градот и сум поддржувал иницијативи и проекти кои биле во интерес на граѓаните без разлика од кој партиски табор доаѓаат. Претпоставувам дека и градоначалничката Арсовска токму затоа ја препозна мојата заложба, посветеност и искуство па одлучи да ми ја довери оваа функција, вели тој.

За тоа каква е моменталната ситуација во Градот по конфликотот пемеѓу Арсовска и советниците на ВМРО-ДМПНЕ, Трајановски е на ставот дека секој советник треба да ја оправда довербата и да дејствува исклучиво во интерес на граѓаните.

-На ова прашање, одговор може да ви даде градоначалничката Арсовска или советниците од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Цврсто сум уверен дека секој советник треба да ја оправда довербата и да дејствува исклучиво во интерес на граѓаните. Програмата за Модерно Скопје ја доби довербата од скопјани, а наша задача како советници кои ја поддржале оваа програма е истата да ја реализираме и гласаме.

На прашањето дали смета дека гласањето во Советот за проектите ќе биде опструирано од страна на партијата на Мицкоски, заменик градоначалникот изразува надеж дека кај советниците од партијата која и даде поддршка на Арсовска „ќе надвладее разумот и пред се интересот на скопјани“.

-Се надевам дека ќе надвладее разумот и пред се интересот на скопјани. За мене е несфатлив деструктивниот однос на ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Град Скопје, затоа сметам дека оваа состојба е привремена. ВМРО-ДПМНЕ е партија која секогаш нудела решенија и проекти, особено од локален карактер, овој деструктивен начин на дејствување е нешто ново од нивна страна, а веќе во неколку наврати се увиде дека не им носи политички поени, смета тој.

За информациите дека градоначалничката во следниот период ќе работи на создавање на политичка партија или движење, кое тесно би соработувало со ГРОМ на градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски, Трајановски вели:

„Со градоначалничката Арсовска, освен за политиките на Град Скопје за други не сме зборувале. Нашиот фокус е да се одблокираат процесите. Дали има намера да формира политичка партија ќе мора да ја прашате неа. Што се однесува на соработката со ГРОМ исто така ќе ве упатам ова прашање да му го поставите на Претседателот, Стевчо Јакимовски“.

Трајановски е прва генерација стипендист на програмата за „Напредно лидерство“ – АЛПИ организиран од Институтот ИРИ, Американската амбасада и Стејт департментот. Воедно е стипендист на Институтот за јавни политики „Мајка Тереза“ поддржан од Европската Унија.

Б.М.

Слични содржини