
Facebook веќе не дозволува пред-инсталација на своите апликации на Huawei телефони, објави „Ројтерс“. Ова е нов удар за кинескиот технолошки гигант по забраната за купување американска технологија, компоненти и софтвер.
Клиентите кои веќе имаат Huawei мобилни телефони ќе можат да ги користат апликациите на Facebook и да добиваат ажурирања, велат од социјалната мрежа. Но, новите Huawei телефони нема да имаат претходно инсталирани апликации на Facebook, WhatsApp и Instagram.
Производителите на паметни телефони често прават бизнис договори за инсталирање на популарни апликации како Facebook. Ваквите апликации, вклучувајќи ги и Twitter и Booking.com, исто така се претходно инсталирани на Huawei телефони на многу пазари ширум светот. Twitter и Booking Holdings уште не коментираат за ситуацијата.
Потегот на Facebook ги намалува изгледите за продажба на Huawei, чиј бизнис на паметни телефони стана најголем генератор на приходи за компанијата минатата година, поттикнати од силниот раст во Европа и Азија.
Google претходно изјави дека нема да обезбеди Android софтвер за Huawei телефони по август, кога истекува 90-дневното одложување што го воведе американската влада. Но Playstore и сите апликации на Google ќе продолжат да бидат достапни за сегашните Huawei телефони на Huawei, вклучувајќи ги и оние кои сè уште не се испорачани или произведени.
Забраната на Facebook сепак се однесува за секој телефон Huawei, кој уште не ја напуштил фабриката, според извор, запознаен со темата. Facebook одбива да коментира кога оваа мерка ќе стапи во сила.
Во мај, Вашингтон забрани на американските компании да снабдуваат технологии на Huawei. САД тврдат дека Huawei е тесно поврзана со кинеската влада и дека телекомуникациската опрема и други производи на компанијата може да се користат како канал за шпионажа. Huawei ги негира овие обвинувања.
Купувачите на сегашните модели телефони Huawei кои немаат претходно инсталиран Facebook, се уште ќе можат да го симнат од Google Playstore. Идните верзии на Huawei смартфони сепак нема да имаат пристап до Google Playstore и неговите апликации, освен ако владата на САД не го промени курсот, нагласува „Ројтерс“.
Претходно Huawei сподели дека е подготвена за активностите на САД и вети дека ќе се справи со сите пречки. Но, некои клиенти во продавниците во Европа и Азија споделиле за „Ројтерс“ дека не се подготвени да купат телефони Huawei во услови на несигурност, а аналитичарите очекуваат драстичен пад во продажбата на смартфони со кинескиот бренд.