Рускиот претседател Владимир Путин во своето ново обраќање по повод осмата годишнина од анексијата на Крим повторно ги коментираше санкциите што Западот ги воведе кон Русија. Иако уште еднаш призна дека создаваат проблеми, изјави дека создаваат и „нови можности“ на анектираниот полуостров Крим.
„Економскиот развој на Крим и претходно беше предмет на санкции. Но, откако започна воената операција во Украина, ни беше воведен нов пакет санкции. Вчера, на состанокот за економските мерки за поддршка на руските региони, реков дека санкциите против Русија создадоа многу проблеми. Но не само тоа. Санкциите создаваат и нови можности“, рече тој.
„Во моментов ги имаме сите услови за големи деловни структури кои, да речеме отворено, порано се плашеа од санкции. Сега немаат од што да се плашат и нема од што да се плашиме. Сега тие можат да влезат на полуостровот (Крим), вклучувајќи ги и банките, и да работат во тој регион“, рече Путин.
Да потсетиме, Русија по анексијата на Крим во 2014 година претрпе меѓународни последици, односно беше санкционирана. Сепак, тие санкции беа многу поблаги од сегашните.
„Целта е да се уништи Русија“
Путин постојано ги коментираше санкциите што Западот ги воведе кон Русија и Белорусија поради инвазијата на Украина на 24 февруари. Тој претходно призна дека ѝ нанеле тешкотии на Русија, но рече дека „ќе ги реши по мирен пат“. Тој рече дека санкциите не се легитимни, но дека Западот ќе ги наметнел без разлика на воените дејствија. Путин констатираше и дека Русија долгорочно ќе има „поголема независност и суверенитет“ .
Во еден од неговите најжестоки говори, рускиот претседател изјави дека „колективниот Запад“ се обидува да го подели нивното општество шпекулирајќи за воени загуби и социо-економските последици од санкциите“, со цел да предизвика „граѓански конфликт во Русија“, а се со цел „уништување на Русија“.