Британскиот актер и комичар Расел Бренд е обвинет од неколку жени за силување, напад и емоционална злоупотреба. Јутјуб, по обвинувањата, му оневозможи да заработува преку таа платформа, но, како што пренесува Мирор, Британецот и понатаму заработува стотици илјади фунти.
Уште една жена го обвини Бренд за сексуален напад во 2010 година. Се работи за актерка која беше статист на сетот на филмот „Артур“, а Бренд е обвинет дека ја нападнал во тоалетот додека другите ја „чувале вратата“.
– Се чувствував искористено и малтретирано. Одвратно, со еден збор – рече таа.
Обвиненијата против Бренд почнаа да доаѓаат во септември оваа година, по што беа откажани неговите соработки и можноста за заработка преку YouTube. Сепак, Бренд се префрли на друга видео платформа и од септември заработил 350.000 фунти, дознава Мирор.
Последната наводна жртва на Бренд, исто така, покрена правна постапка против него.
– Се обидувам да си ја вратам храброста зборувајќи за тоа. Ако вакво нешто им се случило на други, сакам да им помогнам да соберат храброст и да излезат. Искрено, ми даде сила кога читав други обвинувања. Мислам дека не би можела сама да го направам тоа – изјавила таа.
Во тужбата против Бренд, таа изјавила дека актерот „дејствувал пијан, мирисал на алкохол и носел шише вотка на сетот“. Адвокатот на жената рече дека таа се уште се занимава со глума, но дека се плаши од „одмазда од идните работодавци“.
Да потсетиме, на крајот на септември против Бренд беше покрената официјална истрага.
– По истрагата на „Диспече“ на Канал 4 и „Сандеј тајмс“, полицијата доби голем број наводи за сексуални престапи во Лондон – се вели во тогашното соопштение на лондонската полиција.