Официјална Софија го повика на консултации својот амбасадор во Северна Македонија, Ангел Ангелов, а причината, како што се наведува, е „сериозноста на ситуацијата во однос на правата на Бугарите“ во оваа земја и „ескалацијата на злосторствата од омраза“ во последните месеци, соопшти бугарското Министерство за надворешни работи.
Како причини го наведуваат палењето на културниот клуб „Иван Михајлов“ во Битола во јуни минатата година, како и трите последователни напади на објектот на здружението „Цар Борис Трети“ во Охрид.
Се очекува амбасадорот Ангелов да дал појаснување за пукањето со огнено оружје на 24 ноември минатата година, агресивната антибугарска кампања на социјалните мрежи во Северна Македонија и бруталниот напад на Христијан Пендиков на 19 јануари годинава, објавија бугарските медиуми.
Исто така, се додава, се очекуваат објаснувања за донесувањето на Законот за фондации и здруженија во Северна Македонија во ноември минатата година.
„Целта на консултациите е да се разговара за можностите за запирање на опасниот тренд на зголемен притисок врз граѓаните на Северна Македонија со бугарска самосвест и за изгледите за натамошен развој на билатералните односи“, се вели во соопштението.
Инаку, измените на Законот за здруженија на граѓани, кои официјална Софија ги смета за дискриминаторски, предвидуваат отфрлање на фашизмот, националсоцијализмот и нацизмот во сите општествени облици на здружување. Измените на Законот за здруженија и фондации ги предложи опозициската ВМРО-ДПМНЕ, за кои гласаа 67 пратеници, без ниту еден глас „против“ или „воздржан“.
Овие законски измени се направени по отворањето на бугарските клубови со контроверзни имиња од историјата поврзани со фашизмот – клубот „Ванчо Михајлов“ беше отворен на 16 април минатата година во Битола, а „Цар Борис Трети“ на 7 октомври во Охрид.
Законските измени имаат и ретроактивно значење, односно предвидуваат сите досега основани организации, здруженија, фондации, сојузи и сл. имаат рок од три месеци да го усогласат своето име или звање согласно законските прописи.
Рокот за имплементација на оваа законска обврска истекува на 16 март, а доколку не се испочитува здружението ќе биде укинато.
Османи: Имињата на клубовите од бугарската заедница не смеат да бидат провокативни
Министерот за надворешни работи Бујар Османи ја повика бугарската заедница да отвори што повеќе клубови во кои ќе се собираат, но нивните имиња да не ги повредуваат чувствата на другите граѓани.
Во интервју за бугарската „БТВ“, Османи рече дека е очигледно оти имињата на клубовите во кои се собираат претставници на бугарската заедница во Северна Македонија, без разлика на, како што вели, нивното научно толкување, се провокација за мнозинството и дека тоа е доволно.
„Доколку мнозинството Македонци се чувствуваат навредени од ова, треба да ја разбереме оваа чувствителност и да веруваме дека тоа е во интерес на бугарската заедница“, рече Османи.
На прашањето дали со неодамна усвоените измени на Законот за фондации и здруженија ќе се бара од здруженијата „Иван Михајлов“ и „Цар Борис Трети“ да ги сменат имињата, Османи одговори потврдно и додаде дека законот тоа го предвидува.
„Ќе бидам доследен – јас лично се сомневав во ретроактивноста на одредени делови од законот. Но одлуката на Собранието е таква што имињата не се поврзуваат со периоди како што е фашистичкиот период од Втората светска војна, што ги повредува чувствата на граѓаните Клубовите ќе мора да го направат тоа“, рече Османи.
Османи најави дека планира следната недела да покани претставници на бугарските здруженија на состанок со цел, како што вели, да се направи план за да се овозможи бугарската заедница да се изјасни за својата припадност, идентитет и културна припадност.
„Имам искуство, имам волја и државата има волја да и помогне на бугарската заедница да се интегрира“, рече меѓу другото министерот.