НСДП: Груевски е исплашен дека нема да ги дочека на слобода изборите

од desk3
81 прегледи

Пласирањето на идеите за воведување мнозински изборен систем со „бонус“ пратеници, како гаранција за стабилност на идната власт, во моменти на дефинирање на политичко-правната рамка за излез од политичката криза, само зборува за политичката несозреаност на Никола Груевски и неговата сериозна уплашеност од можноста да не ги дочека на слобода изборите, реагира НСДП.

nsdp-logo131

„Наближувањето на 15 септември, крајниот рок за избор на специјалниот јавен обвинител, само ги зајакнува политичките фрустрации за тоа дека се ближи моментот во кој и тој ќе треба да сноси не само политичка, туку и кривично-правна одговорност. Надежта, како што вели народот, последна умира, па ‘политичкиот давеник’ својата ‘сламка’ ја пронаоѓа во авторитарните политички рефлекси, изразени преку пласирање на радикални политички позиици со надеж дека компромисите во политичкиот дијалог за излез од кризата ќе бидат по негова мерка“, се наведува во соопштението на НСДП.

За Груевски, додаваат од оваа партија, „бонусите“ во политиката не се непознаница, македонската јавност имаше можност да види дека во сите изборни циклуси организирани од ВМРО-ДПМНЕ, од гласачите од Пустец па до „мртви гласачи“, што успешно ја узурпираше гласачката волја на граѓаните и обезбедуваше неодговорно и авторитарно владеење на отуѓената политичка елита, која полека премина во криминално-фамилијарен клан.

„Поткрепувањето на идејата за воведување мнозински изборен систем со некаква политичка стабилност на идната власт, е тотална небулоза ако се потсетиме дека Груевски во неколку наврати имаше не само апсолутно мнозинтво во парламентот, туку и двотретинско. Ова мнозинство се рефлектира како ‘стабилно’ само за фамилијарниот клан кој го инструментализира политичкиот систем за свои лукративни интереси. Демократијата, граѓанските вредности, политичкиот плурализам, слободата на медиумите, се последиците од претходни желби на Груевски за обезбедување на ‘стабилност’ преку предвремени парламентарни избори и сигурно мнозинство во парламентот. Повеќе нема простор за ‘стабилност’ по мерка на Груевски“, се додава во соопштението на НСДП.

НСДП смета дека отворањето на темата за изборниот модел треба да се движи во насока на надминување на слабостите на сите претхони модели по кои се спроведувале избори во Македонија и правење исчекор кон воспоставување изборни механизми кои ќе артикулираат во идната власт широк спектар на политички интереси, кој не може да се стави во биполарните политичките модели. Политичката криза низ која поминува државата бара созревање на политичките лидери и отворање на политичкиот систем кон што поголем број на политички партии, а не негово затворање во политички триумфализам на една политичка партија. Поради тоа, за НСДП е прифатлива идејата за една изборна единица со пропорционален изборен модел.