На денешната седница на Централниот одбор на НСДП усвоени биле четири заклучоци поврзани со политичката криза. Партијата заклучила дека за да се спречи понатамошното пропаѓање на Република Македонија на внатрешен и надворешен план, неопходно е организирање на предвремени парламентарни избори.
„Опозицијата не смее повторно да влезе во замката на власта и да прифати датум за избори без да бидат исполнети условите за слободни и фер избори. Вообичаен редослед на активностите би бил итно исполнување на условите преку прочистување на избирачкиот список, започнување на реформи во медиумите, што меѓудругото подразбира и расчистување со криминалот и корупцијата за кои се говори во прислушуваните разговори. Од друга страна, тоа пак значи и обезбедување на непречена работа на СЈО и после тоа консензуално утврдување на датум за избори, точно онака како што побара германскиот дипломат Јоханес Хајндл“, велат од НСДП.
Од партијата очекуваат во преговорите да се вклучат и претставници на помалите парламентарни партии од власта и опозицијата. НСДП изрази и поддршка на условите и барањата кои ги испорачаа граѓаните преку „Шарената револуција“./Meта
