Израелски војник веројатно ја убил Палестинската Ширин Абу Аклех, новинарка на „Ал Џезира“, за време на рација на окупираниот Западен Брег, но нема докази дека намерно ја нападнал, покажуваат резултатите од едномесечната истрага објавена од „Њујорк Тајмс“.
Американскиот весник објави детална анализа на вооружениот конфликт во Џенин во мај и заклучи дека „куршумот што ја убил (Ширин) Абу Аклех бил испукан од приближна локација на израелскиот воен конвој, а најверојатно бил испукан од војник од елитна единица“.
„Тајмс“ не најде доказ дека лицето кое пукало ја препознало Абу Аклех и целело кон неа“, пишува весникот, додавајќи дека не може да се заклучи дали стрелецот ја видел неа и нејзините колеги како носат заштитни елеци со ознака „Прес“.
Според извештајот на весникот, резултатите од истрагата се во спротивност со некои од тврдењата на Израел, пренесоа израелските медиуми.
Истрагата на тој весник покажала и дека од местото каде што бил израелскиот конвој биле испукани 16 куршуми, а тоа не се совпаѓа со израелските тврдења дека војникот испукал пет куршуми во правец на новинарите.
Долгогодишна новинарка на „Ал Џезира“, која имаше и американско државјанство, беше застрелана во главата на 11 мај, а нејзиното убиство предизвика осуда ширум светот.